Станојковиќ: Бевме деконцентрирани, игравме под посакуваното ниво

Фудбалската репрезентацијат на Македонија до 19 години го загуби првиот меч од елитната фаза на квалификации за ЕП, а селекторот Вујадин Станојковиќ не може да биде задоволен по поразот (1-2) од Летонија. Станојковиќ истакна дека на неговите момци им недостасуваше концентрација при завршување на нападите, додека премногу лесно дозволија да примат два гола, сегменти кои треба набрзо да се подобрат за следните пресметки.

„Нема потценување во оваа фаза. Сите репрезентации кои играат во елитната рунда се заслужено тука, ние максимално се подготвуваме на тактички план, но пред се психолошки. Без разлика што остваривме позитивен резултат против Летонија во Рига, тие се извонредна селекција, добро се тактички поставени, физички се надмоќни. Ние одигравме коректно цел натпревар со малку осцилации во второто полуреме, кога се почувствува пад во нашата игра. Во првиот дел делувавме многу подобро, се обидовме да пробиеме по двете страни, сепак не ни одеше завршното додавање. Бевме брзоплети, одработувавме добра комбинаторика и креиравме доста шанси, меѓутоа тоа завршно додавање едноставо не не послужи денес. Од друга страна, пак, тие шутеви што ги упативме кон нивниот голман ги изведувавме деконцентрирано, никако да погодиме во рамките“, вели Станојковиќ.

Младинците на Летонија упатија само три удари кон нашиот гол, од кои два завршија во мрежата, додека пак Македонија ја контролираше играта и статистички доминираше, но, тоа сепак, не беше доволно да се оствари позитивен исход.

„Летонија имаше три шута кон нашиот гол од кои два ги реализираа, додека ние не искористивме ниту еден од оние 16 удари. Им оставивме премногу простор при тие два гола, ќе мора да го решиме тој проблем што побрзо. Момците денес одиграа под посакуваното ниво, неколку играчи беа под нивото на задачата, па така се почувстувува и пад во нашата игра. Без разлика на исходот, ние веќе мислиме на мечот против Унгарија, очекуваме подобар резултат на таа средба“, истакна Станојковиќ.

Се вчитува...