Стара е „дамата“ за Роналдо вака да и прави (ВИДЕО)

Европскиот првак Реал Мадрид, дојде, виде и глатко си победи во Торино. „Кралевите“ славеа со убедливи 0-3 во првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите и се многу блиску до пласман во уште едно полуфинале од елитното европско клупско натпреварување.

Џанлуџи Буфон имаше право, Кристијано Роналдо е „смрт за голманите“, а веројатно ќе остане вечен кошмар и за него, по вечерашното блескаво издание. Постигна два гола, вториот велелепен со ножички, и уште еднаш запиша нова историја – стрелец е на десет последователни меча во ЛШ.

Уште во третата минута Португалецот го шокираше Јувентус. Иско продре по левата страна, уфрли во средината, а Роналдо побегна од чуварите и ја затресе мрежата на Буфон. Се закани Гонзало Игуаин на спротивната страна, но Кејлор Навас успеа да одбрани. Пауло Дибала е опасен од слободни удари, но овојпат „кралевите“ знаеја како да го сопрат.

Во вториот дел, Кристијано Роналдо во 64.минута изведе вистинска магија. Ја зафати топката со ножички и постигна фантастичен погодок крај немоќниот Буфон. Три минути подоцна, Дибала заработи црвен картон и тоа беше крај за надежите на „старата дама“.

Марсело во 72.минута, на асистенција на Роналдо, постигна трет гол за Реал Мадрид, со што речиси обезбеди пласман за својот тим во полуфиналето на Лигата на шампионите. Ќе има и реванш на „Сантијаго Бернабеу“, но на Јувентус му е потребно чудо…

Се вчитува...