„Старата дама“ ќе го „подмладува“ и Иниеста

Јувентус игра нова фантастична сезона, а раководството на италијанскиот првак по освојувањето на двојната круна планира нов фантастичен трансфер. Андрес Иниеста е фудбалерот што тренерот Алегри и челниците на Јуве сакаат да го видат во црно-белиот дрес, а италијанските медиуми најавуваат дека веќе се почнати и првите разговори за шпанскиот фудбалски генијалец во текот на летово да пристигне во Торино.

Најтрофејниот италијански клуб си создаде традиција на „помладување“ на играчи откако најпрвин Андреа Пирло „се врати од мртвите“ и прерасна во лидер на „црно-белите“ од Торино, а сезонава блесна и Дани Алвеш, кој се покажа како суперзасилување по слободниот трансфер од Барселона. Алвеш слично како и Иниеста имаше слаба последна сезона во Барса пред да реши да си замине од „Камп ноу“, па сега игра во животна форма за Јувентус.

Андрес Иниеста во кариерата има одиграно 629 натпревари за Барселона и освоено 28 трофеи со каталонскиот гигант, но застојот во преговорите за нов договор е причина веќе се погласни да станат гласините дека тој наскоро ќе си замине од „Камп ноу“. Барса има можност летово да го продаде за да не ризикува тој следното лето да си замине (како Дани Алвеш) без никаква отштета, а Јувентус е подготвен да плати 15 милиони евра за овој 33-годишен фудбалер.

Според италијанските медиуми, шансите за реализација на овој трансфер воопшто не се мали, а се би требало да биде познато во следните месец дена, кога Барса треба да донесе конечна одлука дали да ги прифати условите што ги бара Иниеста за нов договор, или овој фудбалер ќе стане достапен за трансфер.

Се вчитува...