Стартуваат второлигашките возбудувања: Вардар пред ново искуство – жестока битка на Западот за прволигашка промоција!

Стартуваат второлигашките возбудувања во македонскиот фудбал. Првпат во својата историја, во независна Македонија, најтрофејниот македонски клуб Вардар ќе игра во Втората лига низ едно сосема ново фудбалско искуство за себе во потрага на патеките за враќање на старата слава, по срамната епизода на чело со претходниот сопственик Сергеј Самсоненко кој го доведе до дното.

Армијата навивачи на „црвено-црните“ очекуваат експресно враќање на тимот во Првата лига веќе низ оваа сезона. Tоа го најавија и од новото раководство на клубот. Но, наспроти само зборовите и ветувањата пред фановите, Вардар и со новите „управители“ не успеа да склопи состав согласно амбициите на хартија кој лесно би се прошетал низ Втората лига. Напротив.

Јасно е дека и тоа како ќе има жестока битка на Западот за првото место во сезоната во која пласман во Првата лига ќе бара и новиот амбициозен Воска Спорт, но и кратовски Силекс, како и составот на Велешта. Во трка за водечките позиции на Западот ќе биде и Охрид кој минатата сезона покажа дека има тим и сила за битка со најдобрите.

ВТОРА ЛИГА – ЗАПАД (1. коло, денеска – 16 ч.)
Кораби – Вардар
Кадино – Силекс
Тетекс – Велешта
Гостивар – Воска Спорт
Охрид – Беса

Во Втората лига – Исток се чини битката за прволигашката промоција ќе биде меѓу прилепска Победа и струмичка Беласица кои не кријат дека ќе атакуваат на водечките две позиции. Но, не треба да се исклучат ниту Кожуф и Кит Го кои изминативе години потврдуваа дека умеат секого да изненадат.

ВТОРА ЛИГА – ИСТОК (1. коло, денеска – 16 ч.)
Победа – Кит Го
Детонит јуниор – Беласица
Локомотива – Кожуф
Осогово – Каменица Саса
Слога Виница – Братство Житоше

Се вчитува...