Ставрев ќе суди на Кипар во квалификациите за СП 2022

Најдобриот македонски фудбалски судија Александар Ставрев од страна на Судиската комисија на УЕФА е одреден да биде главен судија на квалификациската средба за пласман на Светското првенство 2022 меѓу Кипар и Словачка која ќе се игра на 24. март во Никозија. Ќе му помагаат Дејан Костадинов и Гоце Петрески, а четврти судија е Игор Стојчевски.Откако е предложен за главен судија на меѓународната сцена од страна на ФФМ и прифатен од УЕФА, ова ќе му биде интернационално деби на Стојчевски.

Покрај Ставрев и Стојчевски, од Македонија со знакот на ФИФА за главен судија е уште и  Дејан Јакимовски, кој поради повреда и ангажираноста на работното место не судеше минатата година.

Ставрев за првпат ќе и суди на репрезентацијата на Кипар, но во Никозија досега го судел мечот АПОЕЛ – Актобе во Лигата на Европа 2016 година. Инаку мечот Кипар – Словачка ќе му биде 122 настап на меѓународната сцена.

Единствениот контролор на судење од Македонија, претседалот на Судискиот одбор на ФФМ, Емил Божиновски, кој пред две недели беше контролор на мечот од Лига на Европа меѓу Гранада и Молде, доби уште една задача од УЕФА. Ќе биде контролор на судење на квалификациската средба за Светското првенство на 31. март меѓу репрезентациите на Сан Марино и Албанија.

Ќе патува и единствениот делегат за меѓународни натпревари од нашата држава Васко Дојчиновски. На 25. март ќе биде делегат исто така на квалификацискиот натпревар за Светското првенство меѓу Бугарија и Швајцарија што ќе се игра во Софија.

M. Мицковиќ

Се вчитува...