Стефан Спировски потпишува за АЕК Ларнака

Македонскиот репрезентативец Стефан Спировски се сели на Кипар и ќе потпише договор со кипарскиот прволигаш АЕК Ларнака. Тој ќе им биде соиграч на Иван Тричковски и на Даниел Мојсов и ќе ја зголеми македонската колонија во овој клуб.

Преговорите се комплетирани и Спировски треба официјално да стави потпис на договорот откако ќе ги мине лекарските прегледи. Се очекува да биде склучена двегодишна соработка.

Стефан Спировски пред еден месец го раскина договорот со израелскиот клуб Хапоел Тел Авив од семејни причини. Но, добрите игри во Израел веднаш му донесоа неколку нови понуди, а тој ја прифати понудата за двегодишна соработка со АЕК Ларнака.

Спировски ја почна кариерата во Пелистер, во македонскиот шампионат настапуваше и за Работнички и Вардар, а интернационална кариера градеше во Србија (Борац Чачак), Бугарија (Берое), Унгарија (Ференцварош). За македонската репрезентација има одиграно 31 натпревар и има еден постигнат гол.

Се вчитува...