Стерлинг под дејство на дрога имал тешка сообраќајна несреќа

Поранешниот англиски репрезентативец Рахим Стерлинг (31) бил уапсен во четвртокот наутро под сомнение за повеќе прекршоци, вклучувајќи и возење под дејство на недозволени супстанции, откако со своето Ламборџини удрил во заштитна ограда на автопат во Англија.

Според полициското соопштение, инцидентот се случил околу 9 часот наутро, а во несреќата немало други вклучени возила ниту повредени лица. Фудбалерот е приведен под сомнение за возење под дејство на дрога, опасно возење, поседување дрога и одбивање да даде примерок за тестирање, по што е ослободен со кауција додека трае истрагата.

Овој скандал доаѓа во период на сериозен пад во кариерата на крилниот напаѓач. По златната ера во Манчестер Сити, каде освои четири титули во Премиерлигата, Стерлинг во 2022 година премина во Челси за 56 милиони евра.

На „Стемфорд Бриџ“ не ги оправда очекувањата, па по несогласувањата со менаџерот Енцо Мареска беше отстранет од првиот тим. Следуваше неуспешна позајмица во Арсенал и предвремен раскин на договорот со Челси.

Стерлинг во февруари годинава потпиша за холандски Феенорд, каде одигра само осум натпревари без постигнат гол, а актуелниот договор му истекува овој месец. За репрезентацијата на Англија забележа 82 настапи, а последниот дуел го одигра на Мундијалот во Катар во 2022 година против Франција.

Се вчитува...