Стигнаа казните за тепачката „Грин против Бил“ во НБА (Видео)

Дисциплинската комисија на НБА одлучи да го казни бекот на Вошингтон визардс, Бредли Бил со 50.000 долари, додека ѕвездата на Голден стејт, Дрејмон Грин ќе мора да плати 25.000 долари за физичката пресметка на овие двајца играчи која се случи во петокот.

Инцидентот се случи кон крајот на првото полувреме, кога при обид на Грин да му затвори простор на Бил под обрачот, шутерот на „волшебниците“ почна да го удира со тупаници крилниот центар на Вориорс.

По одлуката на комисијата, стигна и објаснение, односно беа наведени причините за паричните казни за двајцата кошаркари. Бил доби казна од 50.000 долари бидејќи тој е иницијатор на инцидентот, додека Грин доби половина од казната на Бил, бидејќи навремено не се оттргнал од противникот. Двајцата подоцна беа исклучени од натпреварот.

Двократниот НБА шампион вели дека не му е јасно зошто е парично казнет кога тој е „жртвата“ во случајот.

„Се уште ја гледам снимката и не можам да разберам каде сум погрешил. Едноставно во такви ситуации човек мора да се одбрани, тоа се вика самоодбрана. Ако некој се обидува физички да ме нападне и да ми наштети, нормално дека ќе возвратам. Но, не ми е јасно зошто ме казнуваат кога јас не поттикнав никаква тепачка“, вели Грин.

Во негова одбрана застана и неговиот тренер, Стив Кер.

„Не знам како е можно да бидеш казнет со 25.000 долари затоа што некој друг те нападнал. Изгледа некоја поранешна репутација влијае врз одлуката“, посочи Кер.

https://www.youtube.com/watch?time_continue=145&v=8bf0gpppXRs

Се вчитува...