Стојановиќ: Македонија е силна селекција, а Пандев е фантастичен играч

Фудбалската репрезентација на Летонија е првиот противник на Македонија во квалификациите за ЕП 2020. Селекторот на Летонците, словенечкиот стратег Славиша Стојанович, со пофални зборови се изрази за нашиот национален тим, вели дека тоа е ’југословенска школа’ која знае да игра фудбал, а знае и дека искусниот Горан Пандев е фудбалерот кој го носи составот на Игор Ангеловски. Но, најави и дека Летонија нема да се предаде.

„Еден месец сум на селекторската позиција на Летонија, но секако не сакаме да загубиме. Никој не ги сака поразите во спортот. Македонија е силна селекција, добро познавам дел од фудбалерите, играат во значајни меѓународни лиги. Секако, Горан Пандев е најпознатото име и тој е фантастичен играч. Изминатиот викенд му даде гол на Јувентус во Серија А. Зборуваме за врвна класа. Но, ние исто така сакаме да имаме успешен старт на квалификациите и ќе сториме се за да останеме непоразени. Нема лесно да се предадеме“, изјави Славиша Стојанович на прес – конференцијата во пресрет на утрешниот натпревар.

Првиот натпревар на Македонија од квалификацискиот циклус за ЕП 2020 година ќе се одигра утревечер на арената „Филип Втори“, со почеток во 20.45 часот.

Се вчитува...