Столе Стоилов е капитен, борец, лидер – вардарова икона

Вардар се соочува со најголемата криза во поновата клупска историја, но како и за други работи во животот – на мака се познаваат хероите. А „вардарци“ и денеска одиграа херојски, се вратија од „минус девет“ и си ги чекираа авионските билети за Келн, бидејќи со сето она што го прикажаа во текот на сезоната апсолутно заслужуваат трета година по ред да бидат дел од ракометниот спектакл во „Ланксес арена“.

Кога беше најтешко, проработеа бројни оружја, но Стојанче Стоилов бил и ќе биде оној кој секогаш дава дополнителен импулс, особено кога на тимот не му оди најдобро. Даде три гола од четири обиди, но неговиот придонес е преголем за да може да се опише само со бројка на прецизно упатени удари кон противничкиот гол. Изнудуваше пенали, исклучувања, јадеше ќотек од „унгарските џинови“, но во ниту еден момент не помисли на капутулација. Напротив, се бореше каков лав и со тоа им даде сила и на соиграчите да „воскреснат“ во вториот дел.

Стоилов е капитен, борец, лидер – тој е вардарова икона кoја испиша историја кревајќи го пехарот во Келн пред две години. Зошто да не се повтори и на 2 јули во „Ланксес арена“, Стоилов и „вардарци“ тоа го заслужуваат со начинот на кој ги бранат клупските бои во овој кризен период.

Се вчитува...