СТОП за Серија А: Цело коло одложено, не се знае кога ќе продолжи?

Хаосот со коронавирусот во Италија продолжи и денеска, откако буквално во „пет до дванаесет“ е најавена одлука сите натпревари што требаше да се играат денеска од Серија А да бидат одложени, а лигата да се стопира на неодредено време. Денеска на програмата требаше да бидат неколку средби, за вечерва беше закажано дербито Јувентус – Интер пред празни трибини, но италијанските власти се премислуваат и сега се со оценка дека и тоа не е доволна мерка за внимателност против ширење на коронавирусот.

Пресвртот се случи неколку минути пред почетокот на дуелот меѓу Парма и СПАЛ. Фудбалерите на двата тима беа излезени на терен, се загреваа, се вратија кон соблекувалните, а кога требаше да се упатат со судиите кон теренот за мечот да стартува, стигна абер да се повлечат назад во соблекувалните. Засега информацијата вели дека мечот нема да стартува најмалку триесет минути, но големи се шансите да дојде до целосно одложување.

„Нема никаква поента во овој момент, кога бараме од нашите граѓани огромно жртвување за да се спречи ширење на болеста, да се ризикува здравјето на играчи, тренери, судии. Останатите федерации постапија разумно и ги суспендираа спортските настани, се надевам дека челниците на Фудбалската федерација уште еднаш ќе размислат, да не чекаме да ни се случи прв заразен фудбалер, за потоа да се стопира шампионатот“, изјави Министерот за Спорт на Италија, Винченцо Спадафора.

Овој коментар на Спадафора следи по последната изјава на Дамијано Томаси како претседател на Здружението на професионални фудбалери во Италија, кој бараше стопирање на фудбалот, како јасна порака дека здравјето мора да е приоритет на сите.

Се вчитува...