Страв и трепет: Заболен од коронавирус гледал ЛШ на стадион во Милано

Сериозна е опасноста за забрзано ширење на коронавирусот во различни земји ширум Европа откако беше обелоденето дека првиот пациент со оваа болест во Хрватска неколку дена претходно бил на стадионот „Сан Сиро“ во Милано, следејќи го дуелот од Лигата на шампионите меѓу Аталанта и Валенсија.

Идентитетот на лицето не се обелоденува во јавноста, но од компанијата Ериксон Никола Тесла, каде е вработен, потврдија дека тој навистина бил присутен на „Сан Сиро“.

„Тој во средата, 19 феврури 2020, беше на годишен одмор во Милано, следејќи фудбалски натпревар. Потоа се врати в петокот на работното место во Загреб. Според информациите што ги имаме од неговото семејство, во неделата е примен во болница со симптоми на болеста, а дополнително е утврдено присуство на коронавирусот во неговиот организам“, се вели во соопштението на компанијата.

Италијанските власти минатиот викенд ги одложија сите спортски настани во северниот дел од земјата, но овој настан создава дополнителен проблем, со оглед на фактот дека се докажува дека заболени од вирусот биле присутни на стадионот на фудбалски меч што го следеа над 50.000 лица.

Се вчитува...