Струга го победи ослабениот Пролет

Струга го прослави пласманот во плејофот со триумф на денешниот дуел со екипата на Пролет, изразен со конечни 25-21. Мора да се истакне дека гостите настапија значително ослабени, без првиот голман Петар Ангелов и без најдобриот стрелец Давор Палевски, тренер Матлиески им даде шанса на дел од резервните ракометари кои не успеаја да најдат начин да ја освојат Струга.

Мечот беше израмнет во првото полувреме, на одмор се замина со резултат 12-12, за потоа стружани клучната предност да ја создадат на почетокот од вториот дел. Во ситуација со играч повеќе на теренот домаќините искористија две грешки на гостинските ракометари, стрелаа прецизно во празната мрежа и стигнаа до убедливи 17-13, предност што Струга потоа рутински ја задржа до самиот крај.

Богдан Николиќ со седум гола беше прв стрелец на победничкиот тим, додека најефикасен кај Пролет при вечерашниот пораз беше Пецаковски со осум гола.

Се вчитува...