Струга ТЛ без тренерот Дуро на клупата на клучниот европски меч

Македонскиот првак Струга ТЛ се соочува со нов проблем пред денешниот прв дуел од двомечот од баражот за влез во Конференциската лига против исландски Бреидаблик.

Веќе беше познато дека Марјан Радески нема да настапи поради црвениот картон на реваншот во претходната рунда во Луксембург, но стружани останаа и без првиот тренер Шпетим Дуро, кој исто така добил суспензија од еден натпревар по пресметката со Есперанж пред седум дена.

„Дознав дека и јас сум казнет од УЕФА, мислам дека е заслужено бидејќи искрено полудев и не се однесував како што требаше. Честите провокации од клупата на противникот придонесоа да излезам од кожа и да реагирам на таков начин. Казната е заслужена, жалам што нема да можам да го водам тимот од клупата, но верувам дека со помош на мојот стручен штаб се ќе мине во најдобар ред“, изјави Дуро на вчерашната прес-конференција.

Натпреварот меѓу Струга ТЛ и Бреидаблик се игра денеска со почеток во 17 часот на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид.

Се вчитува...