Струга ТЛ домаќин во Елбасан ако се пласира во плеј-офот во ЛК

Струга ТЛ во четврток го очекува реванш дуелот од 3. квалификациско коло во Лигата на Конференции против Есперанж. Стружани патуваат со предност од 3-1 во обид да ја задржат, и да дојдат до плеј-офот во европското натпреварување.

Првиот дуел македонскиот првак го одигра на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје, односно на теренот покрај ФФМ. Дуелот требаше да се одигра на Националната Арена „Тодор Проески“, меѓутоа тој е затворен поради катастрофалната состојба со тревникот, и ќе се чува до дуелот со Италија во рамките од квалификациите за ЕП 2024 година.

Токму од тука ако се пласира во плеј-офот на Лигата на Конференции, Струга ТЛ ќе биде домаќин во друга земја, во Албанија. Ќе го пречека својот евентуален противник во Елбасан на „Елбасан Арена“. Ова го потврди и спортскиот директор на клубот Бесар Исаку.

„Ако се пласираме во плеј-офот во Лигата на Конференции, натпреварот како домаќини ќе го играме во Елбасан. Тоа е потврдено“, изјави Исаку за МИА.

Доколку Струга ТЛ го мине Есперанж, најверојатно ќе игра против Бреидаблик од Исланд, кој загуби 6-2 на првиот меч со Зрински од БИХ во 3. квалификациско коло во Лигата на Европа.

Се вчитува...