Струга ТЛ со три бода од пресметката со Силекс

Екипата на Струга ТЛ продолжува да го следи чекорот со Шкендија во битката за врвот на Првата македонска фудбалска лига. Стружани денеска славеа со минимални 1-0 против Силекс.

Домашните до победата стигнаа со еден погодок, постигнат во второто полувреме. Ласана Диако беше најснаодлив во противничкиот шеснаесетник и во 59-та минута ја затресе мрежата за 1-0, резултат кој на крајот се покажа како конечен.

Силекс по примениот гол се обиде да се врати во натпреварот и во финишот создаде неколку опасни ситуации. Најблиску до израмнување беа во 84-та минута, кога Ѓерасов упати удар кој заврши во пречката.

Кратовци не се откажаа ниту во судиското продолжение, но не успеаја да го пронајдат патот до голот. Струга успешно го издржа притисокот и го приведе натпреварот до крај.

Со новата победа, Струга сега има 13 бодови и сега е само на два бода зад лидерот Шкендија. Тетовци претходно доживеаја неочекуван пораз од Тиквеш, па трката за првото место станува сè поинтересна.

Силекс, пак, останува на седум бодови и ќе мора да бара излез од резултатската криза во следните натпревари.

Се вчитува...