Струга во еуфорија го пречекува реновираниот Работнички, Борец гостин на Чаир

Почнува новиот шампионат на Македонија во Првата фудбалска лига, а дебитантот Струга Трим Лум на домашен терен го пречекува Работнички. Ќе биде тоа голем момент за стружани кои и со големи амбиции влегуваат во елитната конкуренција.

Работнички е потполно реновиран по лошата сезона лани, на кормилото го доведе Александар Влахо кој речиси комплетно го измени составот. Верува дека „романтичарите“ можат да имаат позитивен старт на новото првенство.

„Мислам дека сме добро подготвени на почетокот на новото првенство. Одработивме квалитетни подготовки, ова е еден нов тим кој сега го формиравме, 7-8 играчи во стартниот состав првпат ќе заиграат прволигашки натпревар за Работнички. Но, верувам во нашиот квалитет и се надевам дека ќе имаме позитивен старт. Му гостуваме на нов прволигаш, Струга Трим Лум ќе го игра историскиот прв натпревар во Првата лига и сигурно дека тоа донесе еуфорија кај домаќинот и голема желба за триумф. Но, ние си имаме свои математики и се надеваме на позитивен почеток“, вели шефот на стручниот штаб, Александар Влахо, за официјалниот сајт на клубот.

Борец ќе му гостува на Шкупи на Чаир. Ќе биде тоа големо искушение и за велешани кои по повеќе од една деценија повторно се дел од елитата.
Ренова на домашен терен го пречекува Силекс, а во Струмица се игра можеби најинтересниот дуел од првата рунда, Академија Пандев е домаќин на шампионот Шкендија.

Утре се игра последниот меч од првото коло, Вардар на комплексот на ФФМ ќе игра против Македонија ЃП.

ДВОЈКИ ПРВА ЛИГА, ПРВО КОЛО (17.30 ч.)

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – ШКЕНДИЈА

ШКУПИ – БОРЕЦ

РЕНОВА – СИЛЕКС

СТРУГА ТРИМ ЛУМ – РАБОТНИЧКИ

УТРЕ, 17.30 ч.

ВАРДАР – МАКЕДОНИЈА ЃП

Се вчитува...