Вардар ќе го предизвика бранителот на трофејот Охрид во финалето на традиционалниот Струшки ракометен турнир откако „вардарци“ ја оправдаа фаворитската улога против Бутел (36-23) и рутински го осигураа првото место во својата група.
Денешните натпревари на турнирот поради временските услови во Струга наместо на отворено се одиграа во СЦ „Тими“ во Струга, каде ракометарите на Вардар без многу мака славеа над градскиот ривал Бутел на чија клупа се наоѓа Стојанче Стоилов, кој за првпат го имаше за противник „својот Вардар“.
Победникот беше решен уште во првото полувреме што избраниците на Чупиќ го добија со 21-13, Вардар продолжи со цврста одбрана и во вториот дел, прими само десет гола за 30 минути и го доби овој меч со конечните „плус 13“.
Домаќинот Струга го освои второто место во својата група откако славеше во пресметката со Дубочица од Србија со минимални 28-27. Стружани имаа водство од два гола на паузата (14-12), што по голема борба успеаја да го задржат до самиот крај, па на завршниот ден ќе играат во дуелот за третото место на овој традиционален турнир против екипата на Прилеп.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
