Суарез цела година без гол во ЛШ: Ќе го „скрши ли мразот“ против Рома?

Напаѓачот на Барселона Луис Суарез, како да снема барут во своите револвери, па „сушата“ во Лигата на шампиони да го измачува. Уругваецот нема постигнато гол во европското натпреварување цела една година, последен пат погодок славеше минатата сезона, поточно на 8. март 2017 година, во историскиот кам-бек против ПСЖ на „Камп ноу“ од 6-1. Oд тој меч, Суарез во следните осум не успеа да слави гол и сега брои 971 минути без погодок во ЛШ.

И покрај тоа што „Ел пистолеро“ зад себе има успешна сезона во која досега 24 пати се запишал во листата на стрелци, ниту еден од тие погодоци не е во ЛШ (21 гол во Примера и три во шпанскиот Куп), па не може да се каже дека се работи за некаква голгетерска криза, туку напротив, Суарез моментално е во солидна форма. Почнувајќи од почетокот на 2018 година па се досега, 31-годишниот напаѓач има постигнато 15 гола во шпанските натпреварувања. Додуша, во 2018 година имаше само две шанси да запише погодок во ЛШ, односно двете сребди против Челси во осминафиналето.

Можеби погодоците на Суарез допринесуваат за Барса полесно да чекори кон трофеите во Шпанија, но доколку избраниците на Валверде сакаат да остварат тројна круна, Суарез ќе мора да почне почесто да го наоѓа патот до мрежата и во контитенталното натпреварување.

„Каталонците“ утре ја пречекуваат Рома на „Камп ноу“ во првиот натпревар од двомечот во четвртфиналната фаза во Лигата на шампиони.

Се вчитува...