Судиска комисија на ФФМ: Некои клубови ги користат судиите како алиби за поразите

Судиската комисија на ФФМ со реакција се јави по повод соопштенијата на неколку клуба, кои имаа замерки кон судењето.

Оттаму велат дека сето тоа е барање алиби за поразите, и порачуваат вината за поразите да си ги бараат во сопствените редови.

„По одигрувањето на 22 коло во Првата М.Ф.Лига  и 19 коло во Втора М.Ф.Лига, констатиравме дека изедначениот критериум на сите судии е на високо ниво. Сите препораки кои беа укажани на зимскиот семинар за судии и контролори за изедначување на критериумите во согласност со УЕФА критериумите, судиите во најголем дел ги применија и се придржуваа кон нив.

Судиската комисија е секогаш спремна да излезе со целосна анализа на натпревар, ако навистина на тој натпревар судискиот тим има различен критериум при менаџирање кон една или друга екипа.

Анализирањето на менаџирање при прекршоци монтирани само за една екипа, а при тоа да не се земе предвид дека истиот ИЗЕДНАЧЕН критериум на менаџирање на прекршоци во тој меч судискиот тим го имал за двете екипи, е погрешна анализа и обид да се изврти вистината.

Вистина е дека грешки при досудување имало, има и ќе има и во иднина колку и да звучи неубаво, меѓутоа тоа е факт и ние како судиска организација работиме преку едукација и разговор со судиите, грешките да се сведат на што помал број. Како Судиска комисија среќни сме што до досегашните четири одиграни кола во пролетниот дел во 1 и 2 МФЛ, направените грешки се многу малку и скоро да не влијаат на ниту еден конечен резултат.

Некои клубови кои поради нивната резултатска криза  вината ја бараат исклучиво кај судиите, а не во своите редови, е нивно барање на алиби и немање доблест спортски да се признае поразот.

Судиската комисија ги охрабрува, стои и ќе стои позади судиите како што било и досега, исто така и понатаму да продолжат со коректна примена на П.Ф.И. и да не потпаѓаат на секаков притисок од било кого.

Пред се, тука сме секогаш да ја заштитиме фудбалската игра, за на крајот да победи фудбалот.“, стои во соопштението на судиската комисија на ФФМ.

Се вчитува...