Супер-деби во ЛШ: Елмас го зеде скалпот на европскиот првак

Ливерпул втора година по ред не успева да дојде ниту до бод на гостувањето против Наполи, губејќи на „Сан Паоло“ со резултат 2-0. Елиф Елмас го имаше своето деби во Лигата на шампионите и се радуваше на скапот на европскиот првак, откако влезе во игра во 75. минута на местото на повредениот Алан и одигра солиден натпревар во дресот на „наполитанците“.

За разлика од ланскиот меч на кој беше целосно надигран, тимот на Јирген Клоп овојпат прикажа многу подобра игра, но не искористи неколку одлични шанси. Казната стигна на помалку од десет минути до крајот, кога Робертсон со несмасна интервенција го фаулираше Калјехон, а Мертенс од пенал го совлада Адријан. Конечните 2-0 во судиското продолжение ги постави Љоренте по една голема грешка на одбраната на „црвените“.

Неочекувано, без голови заврши и натпреварот во Дортмунд меѓу Борусија и Барселона. „Милионерите“ најубавата шанса ја пропуштија во второто полувреме, кога Марко Ројс не реализираше пенал. Лионел Меси и Иван Ракитиќ влегоа во игра во 61. минута, Барса сепак беше во подредена улога во поголем дел од оваа средба, па фудбалерите на каталонскиот гигант можат да бидат среќни што освоија барем еден бод на ова незгодно гостување.

Најефикасно беше во Австрија, каде Салцбург го декласираше Генк со 6-2. Ајакс лесно славеше над Лил со 3-0 со головите на Промес, Алварез и Талјафико, додека Валенсија го изненади Челси со триумф на „Стемфорд бриџ“ со 0-1, благодарение на погодокот на Родриго во 74. минута. Баркли беше трагичар на Челси на оваа средба, промашувајќи пенал во 88. минута.

До гостински три бода стигна и Лајпциг, триумфирајќи со 1-2 во Лисабон против Бенфика.

Се вчитува...