Супербоул треска: Вечниот Брејди против Ремс – милениците на речиси сите Американци

Во САД, но и во голем дел од светот речиси се ќе застане ноќеска. 53. издание на Супербoул е во фокусот. Најголемото спортско шоу во Америка, но и во светот, најгледаниот телевизиски термин, со најскапиот маркетиншки простор за кој се тепаат најголемите брендови кои креираат суперинвентивни реклaми и настанот кој има суператрактивно музичко шоу на полувремето.

Супербоул е огромна забава на која оваа година спортскиот фокус е на ветераните од Њу Ингланд Петриотс и новите ветришта кои ги носат Лос Анџелес Ремс.

Легендарниот Том Брејди може да урне уште еден рекорд, но најголемиот дел од Американците ќе навиваат за Лос Анџелес Ремс.

Во битката меѓу младоста и искуството во Атланта, најмладиот тренер-квотербек тандем во историјата на ова натпреварување ќе ги предизвика најуспешните.

Петриотс имаат пет супербоул – титули, сите освоени со двоецот Бил Беличик на клупата и Том Брејди. Победа ноќеска ќе донесе рекордна шеста титула со која клубот ќе се израмни со Питсбург Стилерс, а Брејди ќе стане играчот со најмногу шампионски прстени.

Ремс се „новите момци во соседството“. Тренерот Шон Меквеј кој има само 33 години е најмадиот предводник на клуб на Супербоул додека квотербекот Џеред Гоф со 24 години, игра во „големиот натпревар“ во само третата година како професионалец.

Голем дел од познавачите на играта предвидуваат дека Меквеј  и Гоф се токму новите Беличик и Брејди.

Суперинтересен е фактот дека мнозинството во САД и не е многу заинтересирано за тоа дали овој тандем ќе почне нова ера во историјата на Ремс, туку дали конечно ќе ја урне династијата на Петриотс.

Феноменот на неомиленост на Петриотс доаѓа веројатно од повеќе причини. На луѓето едноставно им здодеа што се тие толку добри, некои пак ги нервира надменоста на тимот од Њу Ингланд, а најголем дел веројатно се само љубоморни. Затоа според очекувањата најголем дел од државите во САД ќе навиваат за екипата од Лос Анџелес.

 

 

 

Се вчитува...