„Света војна“ во ракометна Полска: Пет црвeни картони, Волф му ја донесе титулата на Киелце

Висла Плоцк и Киелце одиграа уште еден неверојатен дуел со епитетот „света војна“ во полскиот ракометен шампионат. Фантастичната битка заврши 20-20, резултат кој му одеше во прилог на Киелце, кој стигна до 11. шампионска титула во низа. На крајот беа изведувани пенали, кои немаа влијание врз трката за титулата, па во пенал-рулетот подобро се снајде Киелце, триумфирајќи со 3-1.

Хрватски судии ја делеа правдата на полското дерби и имаа полни раце работа, покажувајќи дури пет црвени картони. Од нив, првиот го доби домашниот ракометар Терзиќ по само 35 секунди игра, по што со жестоки стартови се продолжи до самиот крај, па дербито предвреме заврши и за Крајевски, Мигалјон, Шушња и за Гебала.

Висла мораше да победи со најмалку два гола разлика за да стигне до титулата, домаќините на почетокот од вториот дел имаа и „плус три“ (18-15), но во клучните моменти немаа решение за голманот на Киелце, Андреас Волф. Германскиот репрезентативец бранеше брилијантно, собра 20 успешни интервенции, шест од нив при удари од седум метри, со што беше најзаслужен за освоената титула на „жолто-сините“.

Се вчитува...