Светски рекорд: Реал ќе понуди 280 милиони евра за Мбапе

Нејмар е името што почесто беше споменувано со трансфер во Реал Мадрид во изминатиот период, но Зинедин Зидан има поинакви планови. Како што информира „Франс Фудбал“ повикувајќи се на извори блиски до францускиот стратег, желба на Зизу е од редовите на ПСЖ да биде Килијан Мбапе, а не Нејмар. Флорентино Перез е свесен за ова барање на својот старо-нов тренер, кому му ветил дека ќе стори се за да го доведе Французинот, подготвувајќи понуда од 280 милиони евра за да го убеди ПСЖ на „бизнис“ за овој голем ас.

„Светците“ пред две години го купија Мбапе за сума од 180 милиони евра од Монако, па ваквата понуда на Реал би значела и заработка од 100 милиони евра. Сепак, останува дилемата дали катарските газди ќе се согласат на разделба од една од најголемите клупски ѕвезди, во ситуација кога очајнички се обидуваат да најдат начин да се искачат на врвот на европскиот клупски фудбал.

Од друга страна, Реал е во очајничка потрага по нови ѕвезди откако минатото лето остана без Кристијано Роналдо. Зидан исто така ги посакува и Азар од Челси и Мане од Ливерпул, но нема дилеми дека евентуалниот трансфер на Мбапе, и тоа за сума што би била нов светски рекорд, би претставувал јасна порака дека „кралевите“ планираат експресно да се вратат на освојувањето на трофеи по оваа катастрофална сезона.

Се вчитува...