Тадиќ: Се „палев“ на Зидан како дете, а сега направив негова финта на „Бернабеу“…

Душан Тадиќ не ја крие гордоста по неверојатното издание во дресот на Ајакс на гостувањето против Реал Мадрид, кога со две асистенции и еден погодок го предводеше својот тим до победа од 1-4 на „Сантијаго Бернабеу“, за пласман на Ајакс во четвртфиналето од Лигата на шампионите. Србинот не крие дека е симпатизер на „кралскиот клуб“, идол во детството му бил Зинедин Зидан, а дриблингот во стилот на Французинот пред вториот гол на Ајакс дефинитивно е најдобар потег на четирите натпревари одиграни во изминатите 48 часа во елитното европско натпреварување.

Тоа ме прави бескрајно горд, како дете се воодушевував на мајсториите на Зидан, а сега направив дриблинг сличен на оној кој беше заштитен знак на Зизу, и тоа токму на „Бернабеу“ во Мадрид. Не беше нешто осмислено, тоа беше реакција што ми дојде инстинктивно во дел од секундата и излезе како најдобро можно решение. Да бидам искрен, таа асистенција ми значи повеќе отколку голот што го постигнав за 0-3. Јас сум голем фан на Реал, уште од времето кога Мијатовиќ доминираше во светскиот фудбал. Игравме против еден од најголемите клубови во светот и победивме, тоа е дополнителна причина сите да сме горди“ – изјави Тадиќ за спортскиот портал „Мондо“.

Тој го постигна третиот гол за Ајакс, но потоа чекаше неколку минути за судијата Феликс Брих да го признае истиот, по прегледување на снимката со ВАР-технологија.

„Тоа беа долги минути додека ја чекавме конечната одлука. Се молев Брих пак да не ми го загорчи животот како на СП во Русија. Во суштина немам ништо против ВАР, најпрвин мислев дека ќе го наруши ритамот на натпреварите, но сепак најважно од се е никој да не биде ограбен за време на натпреварите. Фудбалот се игра за убави голови, замислите оној мој погодок да беше поништен поради сомнителен аут на почетокот од акцијата. Треба да се внимава на регуларноста, но не и да се бара влакно во јајце за секоја ситуација“ – порачува Душан Тадиќ.

Се вчитува...