ТАЈМАУТ: Вардар мора нешто да менува, кој прв ќе си замине: Кудуз, Нијокас или можеби Вујо?!

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

Доколку алармот во таборот на Вардар не беше запален по претходните четири порази во ЛШ, надополнети со оној од Еурофарм Пелистер 2 на домашната сцена, тогаш по синоќешното фијаско во првото полувреме против Пик Сегед стана и повеќе од јасно дека овој тим на „црвено-црните“, со овој тренер на клупата е крајно лимитиран. И нешто мора да се менува експресно, пред колата уште повеќе да се залета надолу, на пат кон амбисот од кој повеќе ќе нема враќање.

Веселин Вујовиќ во последниот месец упорно се жали на повреди или пак се заканува на играчите со „заминување на оние кои не ги оправдуваат очекувањата“, но едно е сигурно – ниту „Вујо мајсторе“ веќе не е „недопирлив“ во клубот и лесно може да се случи и тој да биде меѓу првите кои ќе си ги спакуваат куферите. Неговата блискост со претседателот Михајловски е една работа, но кога се игра вака катастрофално и безидејно во нападот во ЛШ, згора на тоа постои сериозна опасност за губење на „недопирливоста“ на домашната срцена, јасно е дека Вујовиќ ги троши последните кредити што ги има и кај управата и кај навивачите.

Кога станува збор за играчите, прв на „отстрел“ е Анте Кудуз. Хрватот пристигна како големо засилување, МВП играч од Динамо Букурешт, но се покажува во катастрофално издание во црвено-црниот дрес. Извесно време беше повреден, но по враќањето личи на потпросечен ракометар, а не на клучно засилување за бековската линија. Ако се знае дека е меѓу најплатените, а воедно и дека Загреб покажува одреден интерес за да го доведе во своите редови, лесно може да се случи Хрватот да се врати во татковината, а „вардарци“ да отворат место во буџетот за да доведат нов бек во своите редови.

Браќата Кевин и Оливие Нијокас исто така се на листата на играчи од чии изданија Вујовиќ не е задоволен. Французите стигнаа во клубот во „пет до дванаесет“, на првите средби беа „фактор изненадување“, но како што одминува времето, така противничките тренери се подобро ги скаутираат и со леснотија ги запираат. Краткиот блесок во вториот дел (кога победникот беше решен) не го менува севкупниот впечаток за овие искусни ракометари – неодговорни во нападот, многу често и „слаба точка“ во одбраната“, близнаците би можеле да си заминат и неславно да ја завршат својата македонска авантура, откако минаа еден месец во Металург пред да дојдат во Вардар.

На потег е претседателот Михајло Михајловски, кому дефинитивно му е јасно дека нешто мора час поскоро да се менува. Време има се помалку, но проблем е што нема ниту пари, барем не доволно за да се доведат соодветни засилувања што веднаш ќе направат разлика.

Се вчитува...