Тајмаут: За младинЦките работи

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

1. Секоја чест за селекцијата до 16 години која покажа нешто во што од година во година се помалкумина веруваа – дека навистина постои светло на крајот на тунелот за македонската кошарка. Ќе треба да почекаме и да се надеваме дека оваа генерација ќе продолжи да се развива по вистинскиот пат, но овие деца, со дел од оние кои доаѓаат по нив (Симиќ, Стефанов, Војновиќ…) даваат нов зрак на надеж за излез од сивилото.

Точно е,  тоа во Сараево  беше „Б“ дивизија, но најпрвин треба сите да се погледнеме во очи и да си признаеме дека местото на мак-баскетот во моментов е токму таму, гледајќи од млади до „А“ селекцијата, која губи од Косово и Швајцарија, па реално е предалеку од елитата.

А толку посакуваниот чекор напред тргна токму од овие деца, не повозрасни од 16 години, и затоа треба да им се упатат искрени честитки сега и безрезервна поддршка во иднина.

2. Честитки и за МЗТ Скопје за начинот на кој актуелниот вицешампион почнува да функционира како вистински клуб, со јасен план и визија за иднината – нешто што претходно го имаше само на зборови, а сега оваа управа го претвора и во дела.

Со првиот тим престана повеќегодишната „тренерска вртелешка“ и покрај загубената титула задржан беше Ѓорѓи Кочов. Уште повеќе радува начинот на кој се унапредува младинската школа на аеродромци. Јанко Луковски слободно може да се оцени како „доктор за кошарка“, кој знае како да го испрати на прав пат МЗТ кога станува збор за работа во младите категории.  Тој е гаранција за многу посериозен пристап во младинската школа, што наскоро треба да придонесе нов бран на играчи на аеродромци од сопствените зборови. Јасно е, станува збор за процес, квалитетот можеби нема да биде врвен, ќе треба и уште поголемо трпение, но најважно е да се тргне по вистинскиот пат, со повлекување на вистински потези. А по долги години лутање, МЗТ конечно го стори токму тооа.

3. Грешката на МЗТ во минатото беше еуфоријата посветена на првиот тим по онаа прва титула, со која се запостави се останато. Сега истото му се случува на Работнички, кој по таа толку посакувана титула полека, но сигурно го губи компасот.

Фијаското со Србинот Чохадаревиќ и сумата од 40.000 евра што отиде „во ветер“ е нешто за што во нормален клуб „летаат глави“ бидејќи тоа се пари со кои во Македонија може да покриете еден квалитетен играч на годишно ниво. Се доцнеше и плаќањето на котизацијата (за која се плати и 1.000 евра казна за доцнењето), а на површина излегуваат и големите проблеми во младинската школа.

Секоја чест на Тоше Гечевски за ентузијазмот со кој ја исправи на нозе школата, но без пари нема музика, па двајца од тренерите (еден од нив со две титули) решија да си заминат од „Градски парк“ и среќата да си ја побараат на друго место. Жално, за клуб што најавува буџет од половина милион евра да не може да инвестира минимален процент од тие пари за редовна исплата на плати на оние кои работат со млади категории и освојуваат трофеи со Работнички.

Навистина, младинските школи не носат гласови на избори, но се доказ дали си сериозен клуб или само трошиш општински пари на првиот тим. И Работнички еден ден ќе научи, но штета е што тоа не го стори по грешките на ривалот, па сега сам ќе го оди потешкиот пат.

Можеби и сезонава ќе стане шампион, ќе се слави еден или два дена, но што потоа – пак бегање од европски и регионални натпреварувања и најава дека „доаѓа времето на младите“ за да се игра само дома.  Филмот е веќе виден, и нема „хепиенд“, прашањето е само кога ќе се разбудите за да ја „смените лентата“.

Се вчитува...