Талески: Можеме уште подобро, да го покажеме тоа против Бахреин

ЕКИПА во Минхен,

Стеван Цаневски

Денот одмор беше максимално искористен, па македонските ракометари се подготвени за денешниот нов предизвик, дуелот со Бахраин. „Чекор по чекор“ е девизата на нашиот национален тим на овој шампионат, без залетување и создавање на еуфорија, па токму затоа многу сериозно се гледа и на денешниот противник. Македонија е посилна репрезентација од Бахреин, но на Раул Гонзалес и неговите избраници им е јасно дека таа фаворитска улога ќе треба да биде потврдена и на терен.

„Посакувавме мундијалот да го отвориме со победа, тоа и го направивме. Пред нас се уште четири натпревари. Видовме дека и Бахреин е незгоден противник како и Јапонија, се држеше до самиот крај против Шпанија. Потребно е максимално да се подготвиме и за нив. Ако имаме уште една победа, потоа ќе биде се отворено против Хрватска, Шпанија и Исланд. Славевме убедливо на стартот, но знаеме дека можеме уште подобро. Тука пред се мислам на намалувањето на избрзаните шутеви, како и на побрзо затворање во одбрана веднаш по постигнат гол. Убеден сум дека можеме да ги подобриме тие две работи веќе против Бахреин и да стигнеме до посакуваниот триумф“ – изјави Филип Талески во пресрет на денешниот дуел.

Натпреварот меѓу Македонија и Бахреин на програмата е во 14 часот, а по него во Минхен ќе следат дуелите Јапонија – Хрватска (16.30 часот) и Шпанија – Исланд (19 часот).

Се вчитува...