Талески: Верувам во младите, ќе одговорат на предизвикот на ова СП

ЕКИПА во Минхен,

Стеван Цаневски

Филип Талески е подготвен да преземе поголема одговорност на светскиот шампионат почнувајќи од денешниот дуел со Јапонија. Воедно, бекот на Рајн-Некар Левен е убеден дека и помладите ракометари за кои ова ќе биде деби на големите натпреварувања ќе дадат свој придонес за Македонија да оствари добри резултати на СП 2019.

„Оваа година имавме повеќе свежина во репрезентацијата поради поголемиот број на млади играчи, мислам дека тоа севкупно гледано е многу добро за сите нас. Пред нас се повеќе натпревари, ќе треба да се игра на високо ниво, ќе треба сите да сме подготвени да дадеме свој придонес кога селекторот ќе го побара тоа од нас. Јас верувам дека овие млади играчи можат да повлечат, да го издржат товарот и да одговорат на предизвикот“ – вели Филип Талески.

Бекот на Рајн-Некар Левен потенцира дека Јапонија не е нималку лесен противник, па мора да се влезе максимално ангажирано во денешниот натпревар.

„На хартија важиме за фаворити, но Јапонија со игрите и резултатите во подготовките покажа дека не е нималку наивна репрезентација. Знаеме дека играат брз ракомет базиран на силен колектив, ќе треба да најдеме начин да ги запреме. Фаворитската улога треба да се оправда и на терен, знаете ова е спорт, топката е тркалезна и секое опуштање може да биде казнето, затоа ние не смееме да си дозволиме да не влеземе во мечот најдобро што знаеме“ – истакна Талески.

Се вчитува...