Талески заминува од Балинген

Филип Талески повторно ќе ги менува клупските бои откако раководството на Балинген објави дека нема да го продолжи договорот со македонскиот репрезентативец. Екс-капитенот на Металург дојде во Балинген од редовите на Рајн-Некар Левен, во обид да се избори за поголема минутажа од онаа во дресот на „лавовите“.

Иако доби повеќе шанси за докажување, Талески не „експлодираше“ онака како што се надеваше, имаше премногу турбуленции во формата, па во ситуацијата на сериозна финансиска криза раководството на Балинген реши да не го продолжи неговиот договор.

„Би сакале да му се заблагодариме на Филип за покажаната посветеност носејќи го дресот на Балинген. Неговиот договор, што истекува на 30 јуни, нема да биде продолжен“, објави менаџинг-директорот на клубот, Волфганг Штробел.

Македонскиот репрезентативец речиси сигурно ќе остане во Бундес-лигата, каде неколку клубови покажаа сериозен интерес за да го ангажираат за наредната сезона.

Се вчитува...