Шкендија ја продолжи победничката серија на стартот од новата сезона во Првата македонска фудбалска лига, откако вчера славеше со 0-2 на гостински терен против Вардар во големото дерби одиграно во Скопје.
Херој на тетовскиот тим беше интернационалецот Фабрис Тамба, кој се покажа како „џокер“ од клупата. Откако првиот дел заврши без голови, Тамба влезе во игра на почетокот на второто полувреме и за само 20 минути комплетно го реши победникот. Најпрво во 52. минута донесе водство за својот тим, а во 72. минута со својот втор погодок ги постави конечните 0-2 и ја завери втората првенствена победа за Шкендија.
„Можам да кажам дека беше тежок натпревар поради временските услови, бидејќи беше многу жешко. Но, одигравме добро и во второто полувреме влеговме со поинаков менталитет. Излеговме на терен и им покажавме дека сакаме да го добиеме натпреварот, а тоа и го направивме. Не би рекол дека овој тим ми одговара. Едноставно влегов во игра и покажав став, онака како што бараше тренерот и како што сите очекуваа од мене. Тоа и го направив. Секако дека сум среќен што постигнав два гола. Како што видовте, и минатата година беше истото — постигнав гол на мојот прв натпревар, повторно беше истото дерби. Од сега натаму, мислам дека треба да останеме со нозете на земја и да се фокусираме на четврток, бидејќи имаме многу важен натпревар“, изјави Тамба.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
