Тамше: Цел ден им зборував на играчите за публиката во Битола, му посакувам титула на Еурофарм Пелистер

Пелистер загуби од Нексе и во вториот натпревар во Европската лига. Вечерва во Битола, хрватскиот вицепрвак беше поуспешен и триумфираше со 21-22. После одличниот старт, ракометарите на Еурофарм Пелистер немаа сили да држат ист ритам цел меч, и да ги надополнат оние -3 од првиот меч.

Гостинскиот тренер Бранко Тамше истакна задоволство од победата во Битола. Тој имаше многу комплименти кон публиката, се заблагодари на гостопримството, и на крај му посака титула на Еурофарм Пелистер.

„Прво, да кажам она кое го очекував. Цел ден им зборував на играчите за публиката, дека Битола има навивачи кои пеат цел натпревар и се главна поддршка на играчите. Благодарност на гостопримството, беше совршено. Знаев дека ќе биде еден тежок меч. Ние на почетокот влеговме лошо, Еурофарм Пелистер диктираше свој ритам и казнуваше. Нашиот стил на ракомет го игравме еден дел во првото и еден дел во второто полувреме, и успеавме да ја направиме клучната разлика. Горд сум на својот тим, победивме пред едни од најракометните навивачи. На Еурофарм Пелистер му посакувам да ја освои титулата“, изјави Тамше.

„Да се победи ваква екипа во ваква атмосфера не е лесно. Еурофарм Пелистер покажа дека имаат фантастични играчи. Немам зборови за атмосферата, да е во секоја сала, би било многу поубаво. Му посакувам на Еурофарм Пелистер се најдобро во иднина“, рече голманот Радовановиќ.

Се вчитува...