Шпанската фудбалска репрезентација е новиот светски шампион откако во финалето на стадионот „Метлајф“ во Ист Радерфорд, по продолженијата, ја совлада Аргентина со 1-0.
За време на натпреварот, Шпанците упатија 20 удари, од кои 12 во рамките на голот, додека Аргентинците упатија само два удара и двата во последните минути од натпреварот, но ниту еден не заврши во рамките на голот.
Херојот на Шпанија беше напаѓачот на Барселона, Феран Торес, кој го постигна победничкиот гол во 106. минута по асистенција на Нико Вилијамс. Во 94. минута, Аргентина остана со играч помалку откако Енцо Фернандез беше исклучен.
„Телеграф“, кој ја славеше Шпанија како заштитник на фудбалот, упати силни пораки.
„Фудбал 1, криминалци 0. Беа потребни продолженија за да се стигне до оваа точка, но за среќа, на крајот победи спортот. Шпанија го освои Светското првенство, а сите ние победивме. Фудбалот е подобар поради тоа. На Шпанија и беше потребна оваа победа во финалето“, се вели во текстот.
Тие особено ја критикуваа напаѓачката игра на Аргентина.
„Меси и Аргентина не заслужија ништо бидејќи не направија ништо. Тие станаа првите финалисти на Светското првенство кои не упатија ниту еден удар во регуларниот дел од натпреварот. Не понудија ништо друго освен прекршоци, прекршоци и уште прекршоци“, пишува „Телеграф“ и додава:
„Направија повеќе прекршоци во првото полувреме (девет) отколку што имаа додавања во последната третина од теренот (осум). Тоа беше очаен и депресивен фудбал. На крајот, го добија она што го заслужија“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
