Темелковски: Талески е капитен и сака да игра на СП во Алжир

Машката младинска ракометна репрезентација на Македонија од среда ги почнува подготовките за настапот на Светското првенство (У21) во Алжир. Селекторот Илија Темелковски на располагање ќе има 19 репрезентативци за првата фаза од подготовките што ќе се реализира во Маврово.

Засега се уште е неизвесна ситуацијата со капитенот Филип Талески кој од Рајн Некар Левен има посебен план на подготовки за овој период пред почетокот на новата сезона. А, проблем со повреда на коленото има бекот Марко Неловски.

„Уште немаме дефинитивна информација за Талески. Директорот на репрезентацијата, Милчо Чакарески, ќе има средба со Талески, па ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Верувам дека Талески ќе го имаме во составот за настапот на СП во Алжир. Тој е расположен да игра за репрезенатцијата, капитен е и ова нему и на дел од репрезентативците ќе им биде последен настап во младинска конкуренција. Марко Неловски има некоја повреда на коленото поради која не настапи ни на последните два натпревари со сениорската репрезентација. Ќе видиме каква е состојбата и како ќе биде во текот на подготовките“ – вели селекторот Илија Темелковски.

По првата фаза во Маврово, македонските јуниори пред настапот на СП, на 10 и 11 јули ќе одиграат два контролни натпревари во Доха со младинската  репрезентација на Катар, а се договара и една контролна средба со селекцијата на Словенија.

Добивме покана од Катар и овие натпревари се договорени. Ќе биде добро ако се реализира планот, пред заминувањето за Катар, да одиграме и еден контролен натпревар со репрезентацијата на Словенија, доколку се договориме околу терминот. Тоа ќе биде добра проверка пред нашиот настапот во Алжир. Планот е подготовките да ги почнеме со сите 19 ракометари, а пред натпреварите во Катар ќе биде селектиран составот од 16 играчи со кои ќе ги одиграме овие два контролни натпревари и потоа, ако е се во ред, со тој состав ќе патуваме и на СП во Алжир“ – информира македонскиот селектор.

Покрај селекторот Темелковски, во стручниот штаб на младинската репрезентација пред настапот на СП остануваат Ице Соколески како негов помошник и тренер на голманите и кондицискиот тренер Кристијан Кајчевски, а на СП во Алжир ќе им помага и Шпанецот Роберто Парондо кој покрај ангажманот во сениорскаат репрезентација, ќе се приклучи и во работата со младинците.

„Парондо ќе ни се приклучи на СП во Алжир и ќе ни помага повеќе во техничкиот дел од подготовките пред натпреварите и повеќе ќе биде ангажиран околу стручната анализа на противниците “ – вели Темелковски.

Светското младинско првенство за играчи до 21 година, ќе одржи во Алжир од 18 до 30 јули. Во првата фаза од шампионатот, Македонија ќе игра во група со Шпанија, Русија, Тунис, Бразил и Буркина Фасо.

spisok mladi

Се вчитува...