АТП планира сериозни промени од 2028 година, кои треба да донесат значително поголема заработка за играчите, различен систем на рангирање и појасна структура на календарот.
Според планот презентиран од претседателот на АТП, Андреа Гауденци, вкупната компензација за играчите треба да достигне околу 350 милиони долари годишно, без да се вклучи наградниот фонд од Грендслем турнирите.
Централните алокации на АТП за играчите треба да надминат 100 милиони долари, додека бонус фондот би се зголемил од сегашните 21,5 на 50 милиони долари.
Дополнително, уште 25 милиони долари би биле доделени на играчите кои ќе ја завршат сезоната меѓу најдобрите 250 во светот, додека уште 30 милиони долари би биле издвоени за пензиски програми за околу 300 тенисери годишно.
„Тенисот е во многу силна позиција денес. Нашите турнири растат, навивачите го следат спортот на сè повеќе начини, а заработката на играчите е на рекордно ниво. За да остане силен, спортот мора да продолжи да се развива“, рече Гауденци.
Една од најважните промени ќе се однесува и на ранг-листата на АТП.
Резултатите на најголемите турнири треба да имаат поголема тежина отколку што имаат сега, при што АТП се стреми да ја намали потребата играчите да бркаат дополнителни поени на помали натпреварувања по лошите резултати на големите турнири.
Планот е да се воведат и појасни недели резервирани за одредени категории турнири, за да можат играчите полесно да ја планираат сезоната и да најдат повеќе простор за одмор.
Турнирот Мастерс 1000 во Саудиска Арабија ќе биде вклучен во новата структура.
Промените доаѓаат во време кога сè повеќе тенисери јавно се жалат на физичкиот напор што го носи речиси 11-месечната сезона, како и на системот што ги охрабрува да играат голем број турнири за поени и финансиски бонуси.
Гауденчи верува дека целиот пакет ќе им овозможи на играчите подобро да го испланираат својот календар, да заработат повеќе и да добијат поголема финансиска сигурност.
„Следната фаза е можност сезоната да се направи позначајна и за играчите и за навивачите, а растот на спортот да создаде повеќе можности низ целиот Тур“, рече првиот човек на АТП.
Предлозите сè уште треба да поминат низ понатамошни консултации и одобрувања, а конечниот пакет АТП сака да го презентира на последните состаноци од сезоната во Торино.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
