Теодор Симиќ: Пред нас е дуел со најквалитетниот противник, ќе биде многу тешко

ЕКИПА во Сарагоса,

Стеван Цаневски

 

Теодор Симиќ беше најдобриот наш кошаркар на првиот дуел против светскиот првак одигран во Скопје. Тогаш најмладиот наш репрезентативец одигра одлични 16.минути во кои реализираше 18.поени, за него рекордни во сениорската репрезентативна кариера. И тоа со одлична реализација во шутот од поле (6/8).

Пред утрешниот дел во Сарагоса, младиот македонски центар вели дека не би имал ништо против да го потврди тој поединечен ефект, но сето тоа да биде во рамките „во служба на колективот“.

„Она што знам е дека ќе се обидам да го искористам секој даден момент, да ја искористам секоја минута на теренот која ќе ми ја даде селекторот. Не би имал ништо против, да ја повторам мојата игра во Скопје. Но, знаете, секој натпревар е посебна приказна. Реално, пред нас е веројатно најквалитетниот можен противник во Европа. Играме против нив, во Сарагоса, секако пред полна сала. Ќе биде тешко, многу тешко“- вели Симиќ пред утрешниот дуел закажан за 19.30 часот, во „Павиљонот Принц Фелипе“ во Сарагоса.

Извесно е дека Шпанија е фаворит не само на овој натпревар, туку и воопшто во оваа квалификациска група, па и за одбрана на титулата. Го потврди тоа црвената фурија“ и во Скопје кога славеше сигирна победа (94:65). Но се чини дека овие 40.минути ќе бидат и „добредојдени“ за онаа помлада група во нашата селекција која допатува во Шпанија.

„Ретко кој добива шанса во кариерата да игра против актуелен светски шампион. Јас гледам на тој начин, да прикажеме максимум од своите моментални можности. За што ќе биде тоа доволно, останува да видиме на самиот натпревар. Нема предавање, без оглед кој е на другата страна на теренот. Тие се апсолутни фаворити, не само на овој натпревар. Да го дадеме најдоброто од себе, тоа е најважно“- дополнува нашиот млад репрезентативец по вториот одработен тренинг во Сарагоса.  

Се вчитува...