Тежок испит за Вардар да ја прекине серијата од пет порази во ЛШ

Ракометниот шампион на Македонија, Вардар вечерва ќе му гостува на германски Кил во натпревар од 9. коло во Лигата на шампионите. „Црвено-црните“ се во серија од пет порази во елитата, која ќе биде многу тешко да биде прекината на едно од најтешките гостувања во натпреварувањето.

Тренерот на „вардарци“ Веселин Вујовиќ вели дека ниту еден тим не е фаворит кога гостува во Кил, но дека тие ќе одиграат најдобро што можат како мотивација за клучните натпревари против Загреб во ЛШ и Еурофарм Пелистер во домашниот шампионат.

„Не чекаат три исклучително важни натпревари. Првата ни е на гости кај Кил. Секако дека не сме фаворити во Кил бидејќи ниту една екипа во Европа не е фаворит во Кил. Но би било добро да одиграме квалитетен натпревар бидејќи тоа ќе ни биде дополнителна мотивација пред мечот на гости со Загреб и гостувањето во Битола кај Еурофарм Пелистер. Повторно имаме проблеми во тимот. Гаџа доби вироза и нема да патува во Германија. Кудуз се враќа иако не е стоотстотно подготвен. Борко Ристовски се уште не е опоравен, но се надевам дека набрзо ќе го имаме. Од три натпревари кои не чекаат, две победи се мелем за сите нас. Очекуваме да дадеме максимум и на некој начин првиот ден од сезоната да го завршиме позитивно“, вели Вујовиќ. 

Натпреварот меѓу Кил и Вардар ќе се игра утре со почеток во 20.45 часот.

Се вчитува...