ТФТ го доби дербито со Еуро Никел сред Кавадарци

Кошаркарите на ТФТ славеа на гостувањето кај Еуро Никел со 69-73 во дерби натпреварот од 15. коло во кошаркарската лига на Македонија. Еден натпревар во кој доминираа одбраните, на крајот последниот период и поголемата сконцентрираност на гостите во финишот беше пресудна за нов триумф на избраниците на Боро Смилковски.

Двата тима одиграа одлично во одбраната во првите десет минути, игра во која гостите од Скопје подобро и по десет минути игра имаа предност од три поени (14-17). И вториот период се стигнуваше тешко до поени во која домаќините беа за нијанса подобри, па на полувреме заминаа со егал (34-34).

Израмнетата игра на двете страни продолжи и во третиот период, во кој кавадарчани беа за нијанса подобри и по три периоди имаа минимална предност од еден поен (54-53). Домаќините први се одвоија во последниот период поведувајќи со 63-59. Следеше неверојатен пад на избраниците на Горан Самарџиев, кој тимот од скопската населба Тафталиџе одлично го искористи и со серија од девет нула на две минути до крајот поведе со 63-68. Следеше нов бран на кавадарчани кои со негатива од еден поен 67-68 успеаја да влезат во последната минута од натпреварот. Хортон погоди едно слободно, по што следеше нереализиран напад на домашниот тим, а Аце Костоски со две слободни фрлања го реши победникот 67-71.

Токму Костоски со 24 поени беше прво име во таборот на победникот, додека кај поразените Гавриловиќ и Планиниќ завршија со 17 поени.

Се вчитува...