ТФТ и Пелистер засилени со нови кошаркари во поход кон АБА2 плејоф

Македонските претставници во АБА2 лигата ТФТ и Пелистер продолжуваат со натпреварите во регионалната сцена. Скопскиот и битолскиот тим на четвртиот „балон“ силите ќе си ги одмерат со три тима, а за тоа ќе имаат и помош од нови засилувања.

„Црно-белите“ кои денеска од 21 часот силите ќе си ги одмерат со Шенчур ќе може да сметаат на Давид Хогтон кој се очекува да биде голема помош за тимот во битката под обрачите. Покрај оваа средба ТФТ го очекуваат уште натпревари против Широки (26.01) и Осијек (28.01), а императив е победа во сите мечеви за скопскиот тим да се најде на местата кои водат во плејофот.

„Зелено-белите“ пак својот настап го започнуваат утре од 15 часот против Спарс, а на овој меч ќе можат да сметаат на Андреј Маслинко кој имаше одлично деби на домашната сцена против Гостивар. Во вториот меч во Бања Лука битолчани силите ќе си ги одмерат со Сутјеска (27.01), а балонот го завршуваат со меч против Златибор (29.01).

Избраниците на Илиевски одлично ја започнаа новата сезона во АБА2 првенството, но во новиот балон влегуваат по серија на два порази во низа.

Се вчитува...