ТФТ ја официјализираше соработката со Моцарт

Кошаркарскиот клуб ТФТ од денеска доби големо „засилување“, официјализирајќи спонзорство со една од водечките регионални организација за игри на среќа – Моцарт.

Клубот од Тафаталиџе формиран пред само пет години брзо се наметна како едно од најголемите изненадувања и освежувања на македонската кошаркарска сцена. Рано излезе и на интернационалната сцена бележејќи настап во БИБЛ лигата, го освои Купот на Македонија и ги донесе квалификациите за ФИБА Лигата на Шампиони во Скопје, а оваа сезона се натпреварува и во АБА2 лигата.

Договорот е потпишан на 18 месеци, но првиот човек на ТФТ, Боро Смилковски верува дека одличната соработка проследена со претставување во најдобро светло ќе продолжи и потоа.

„За нас ова е уште еден од големите и важни моменти во кратката историја на ТФТ. Ако досега зборувавме за спортски успеси, ова е прв наш голем договор за логистичка поддршка со една голема компанија. Соработката е договорено да трае во следните 18 месеци, но се надевам дека нема да останеме само на овој период, туку ќе продолжиме и потоа.

Ова е голем момент за стабилизација на Кошаркарскиот ТФТ и за можност за остварување на целите. Ја играме петтата сезона во која се натпреваруваме на домашен и меѓународен план и мислам дека зад нас оставаме завидни успеси, но нашите амбиции не застануваат тука. Како клуб настојуваме да оствариме најдобри резултати и дома и во странство.

Со потписот на соработката почнуваат многу обврски за нас, на спортски и логистички план, со цел да го претставиме нашиот нов спонзор во најдобро светло. Благодарни сме на сите во Моцарт бидејќи сето она во што верувавме досега, полека се остварува“, изјави Смилковски.

„Ова е голем ден за нас како клуб, но и за Моцарт како компанија која знае да препознае потенцијал. Иако некои не гледаат како ‘мали’, ние сме клуб со големи амбиции, оваа сезона игравме квалификации за Кошаркарската Лига на Шампиони на ФИБА, дури и го организиравме квалификацискиот турнир што не се случило во кошаркарската историја на Македонија. Благодарност до Моцарт и се надевам дека ова е почеток на една долгогодишна соработка“, додаде капитенот Нури.

Задоволството од спонзорството не го криеше ниту претставникот на Моцарт во Македонија, Кирил Кироски.

„Моцарт како општествено одговорна компанија, продолжува со инвестиции во македонскиот спорт. Таа серија сега продолжува до Кошаркарскиот клуб ТФТ. Чест ми е што можам да соопштам дека компанијата Моцарт како регионален лидер во приредување игри на среќа, денеска потпишува договор со ТФТ за бренд спонзорство со што овој клуб ќе го носи името ТФТ Моцарт.

Нашето внимание, ТФТ го привлече уште минатата сезона кога во класична ‘Давид и Голијат’ ситуација, го освои Купот на Македонија, со најмал буџет од сите клубови кои претходно стигнале до пехарот во тоа натпреварување. Оваа година е дел од АБА 2 лигата и атакува на двојната круна во Македонија. Го препознавме ТФТ како бренд, се надеваме дека соработката ќе биде долгогодишна и дека заедно ќе се радуваме на големи успеси во иднина“, изјави Кироски.

Се вчитува...