ТФТ убедливо поразен од фенерџијата во АБА2

Македонскиот претставник ТФТ го претрпе и шестиот пораз во рамките од осмото коло во АБА2-лигата, на стартот од најновиот балон од регионалното натпреварување што се одржува во Бања Лука. Освојувачот на Купот на Македонија вечерва за ривал го имаше Шенчур, тим од кој ТФТ убедливо загуби со 74-91. Шенчур влезе во мечот без ниту една победа досега во АБА2, но вечерва го надигра македонскиот тим и стигна до заслужена победа.

ТФТ солидно парираше во првата четвртина што заврши со израмнети 16-16, пред крајот на вториот период имаше водство од 35-30, но Шенчур направи серија од десет поени и на одмор се замина со водство на противникот од 35-40. Избраниците на Боро Смилковски солидно парираа во третата четвртина, па и на стартот од последниот период. На пет минути до крајот резултатот гласеше само 66-71 за Шенчур, но кошаркарите на ТФТ влегоа во серија грешки во завршницата, што придонесе да биде претрпен убедлив пораз.

Костоски со 18 и Батрик со 16 постигнати поени беа најефикасни во таборот на ТФТ, а двоцифрен ефект имаше уште и Мекбрајер со 13, како и Ташовски со 10 поени.

ТФТ својот нареден меч на овој балон во АБА2 лигата ќе го игра в четврток против тимот на Широки Бријег.

Се вчитува...