Тие знаат се за ривалите: Скубе и Горбок против Канелјас и Македа

Ученикот Роберто Парондо денеска ќе биде на испит против својот„учител“ Хуан Пастор, пресметка на двајца шпански стратези кои вршат одлични работи во своите клубови сезонава во Лигата на шампионите. Двајцата стручњаци за помош ќе имаат по двајца играчи кои до лани го носеа дресот на денешниот ривал, па сигурно можат да откријат детали околу играта на Пик Сегед и Вардар.

Хорхе Македа и Жоан Канелјас ќе бидат „асистентите“ на Пастор, со оглед на фактот дека двајцата Шпанци беа дел од шампионската генерација на Вардар од пред две сезони. Канелјас и Македа лани „во пакет“ се преселија во Унгарија и веднаш се наметнаа како лидери во овој тим, Македа е клучен дефанзивец, а Канелјас најчесто ја презема одговорноста во нападот во клучните моменти од натпреварите.

На спротивната страна, Вардар во своите редови ги има Сташ Скубе и Сергеј Горбок, кои лани беа дел од таборот на Пик Сегед. Словенецот Скубе беше и еден од главните адути на тренерот Пастор, пред да си замине и да им го отстапи своето место на Бомбач и Канелјас. Горбок не се изнаигра во Унгарија, па реши да се врати назад во Вардар, каде би можел да добие значајна минутажа на овој двомеч во ситуација кога Дисингер е во „аут“ по повредата во финалето од СЕХА-лигата.

Мотиви нема да недостигаат, но јасно е дека овие четворица ракометари ќе имаат желба плус за да се докажат против поранешните клубови, за да го одведат својот тим до Ф4 турнирот во Келн.

Се вчитува...