Нико Ковач се наоѓаше на работ на амбисот, но се спаси во последен час, остана на клупата на Баерн Минхен и сега се наоѓа на чекор до титулата во Бундес-лигата. Сепак, шампионскиот трофеј нема да го спаси хрватскиот стратег, кој ја нема поддршката на голем дел од првотимците, но и на управата, која нема намера да му даде богатство на располагање во претстојниот преоден рок. Германските медиуми тврдат дека одлуката за смена на Ковач по завршувањето на сезонава е веќе донесена, а Баерн има и фаворит во трката за негов наследник.
Станува збор за поранешниот тренер на Реал Мадрид, Хулен Лопетеги, кој изразил подготвеност да се пресели во Минхен за нов предизвик во кариерата. Екс-селекторот на Шпанија дури и се сретнал во Мадрид со спортскиот директор на Баерн, Хасан Салихамиџиќ, како дополнителен удар за Ковач со оглед на фактот дека Босанецот важеше за негов најголем сојузник во баварскиот гигант. Сепак, се чини дека тандемот Хенес – Румениге донел дефинитивна одлука, па сега на Салихамиџиќ е да ги почне разговорите со фаворитот за нов тренер, во обид час поскоро да постигне договор.
Претходно со тренерското место во Баерн Минхен беа поврзувани и Јирген Клоп, Жозе Мурињо и Антонио Конте.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА