Тодоров: Во 2025 година Македонија ќе биде дел од Евробаскетот

Македонската кошаркарска репрезентација ќе пропушти уште еден континентален собир откако „црвено-жолтите“ не успеаја да изборат пласман на Евробаскетот 2022 година. Во квалификациите се сретнавме со репрезентациите на Италија, Русија и Естонија, а на крајот пресудна за нас беше негативната кош-разлика од првиот меч со Естонците во Скопје.

„Ако се осврнеме наназад на овие шест натпревари од овие квалификации, можам да кажам дека има два спротивставени моменти: едниот разочарувањето поради необезбедувањето пласман на ЕП, и вториот огромното задоволство дека бев дел од нешто ново што се создава и што ќе трае во наредните 10-15 години. Имаме два порази во израмнети, до последните минути, средби со Русија и Италија. Имаме еден крајно лош натпревар со Русија, ама имаме и две победи, и едно катастрофално лошо полувреме во Скопје во првиот натпревар во овој циклус нè остави да го гледаме следното ЕП дома“ – изјави Александар Тодоров.

Македонија се наоѓа пред смена на генерации, која доколку не се работи добро во младите играчи кои допрва треба да ја „превземат“ репрезентацијата, лошо ќе се одрази на мак-баскетот воопшто. Селекторот верува во овие момци, а како што вели, „црвено-жолтите“ ќе се најдат на Европското првенство во 2025 година.

„Кога за првпат ја добив понудата за селектор, ми требаше речиси еден месец да одлучам дали сакам да се впуштам во една нова авантура, посебно што првичниот впечаток, и мој и на луѓето со кои разговарав, беше дека речиси се минимални шанси за макар и една победа. Сепак, од денешен агол, ако повторно е ноември 2019 година, и ја добијам истата таа понуда, сигурен сум дека пак би ја прифатил, бидејќи навистина ми беше задоволство да работам со оваа група на играчи, независно од крајниот резултат. Запознав десетина млади играчи, кои не само што не ги имав тренирано, а воопшто не ги ни познавав, и сигурен сум дека со нив, но 3-4 години постари, веќе во 2025 година Македонија ќе биде дел од Евробаскетот, и тоа не само во улога на аутсајдер“ – додава Тодоров.

За „балонот“ во Перм недостасуваа неколку играчи кои поради повреди и недобивање на дозвола за приклучување на составот од страна на нивните клубови не можеа да им се приклучат на „црвено-жолтите“.

„Навистина жалам што го загубивме Андреј Јакимовски за овој циклус, сигурен сум дека тука во Перм ќе можеше да ни помогне по 15-20 минути на натпревар. Ни недостасуваа и Маслинко и Симоновски, кои ќе ни дадеа поголема ротација во овој луд циклус на четири средби во пет дена, но тоа е што е. Сите 15 играчи кои беа тука, го дадоа својот максимум. Знаете дека ниту еден од нив не беше принуден да игра за репрезентација под закана од казни и санкции. Знаете дека четворица од нив одлежаа 14 дена карантин во Естонија само заради желбата да играат за националниот дрес. И тоа се тие нешта што ме прават да сум горд што бев нивен тренер“ – додава предводникот на Македонија.

Пред македонската репрезентација е нов циклус на претквалификации во кој ќе се сретнеме со две од следните репрезентации: Австрија, Данска, Белорусија, Исланд, Летонија, Црна Гора, Португалија, Романија, Словачка, Норвешка и Швајцарија. Првите натпревари се редвидени за август 2021 година.

Се вчитува...