Тодоровиќ: Оваа сезона може да биде најинтересна и најнеизвесна

Миодраг Тодоровиќ минатата сезона оствари историски успех со Маџари, внесувајќи го скопскиот клуб во големото финале на плејофот во дебитантската сезона од елитното друштво.

Младиот стратег ги покажа своите квалитети на големата сцена, но во новата сезона се соочува со нов предизвик, овојпат на клупата на Кожув. Тодоровиќ верува во својот тим и е оптимист дека и со новиот клуб ќе се бори за највисок пласман.

Тој во разговор за официјалната веб-страница на МКФ одговараше на прашања поврзани со неговиот тим пред стартот на новата сезона.

* Колку сте задоволни од сработеното во подготвителниот период и дали тимот ја дочекува премиерата на новата натпреварувачка сезона во посакуваната физичка и тактичка форма?

Почнавме меѓу првите екипи со подготовките оваа година, поточно на 19. август, и тоа беше доволно време екипата да се спреми, како физички така и психички, и можам да кажам дека ја дочекуваме на највисоко спремно ниво првата средба во новата сезона“.

* Со оглед на засилувањата во сите клубови, каква Супер лига лига очекувате оваа сезона и каде ја гледате предноста на вашиот тим во однос на директните ривали?

„Лигата, според мене, ќе биде многу изедначена. Некои клубови се засилија доста за разлика од лани. Некои можеби и не толку, ама оваа година, ми се чини дека може да биде најинтересно и најнеизвесно. Предноста на мојот тим годинава треба да ја прави физичката подготвеност“.

* Колку е важна победата во премиерното коло од психолошки аспект и каква порака сакате Вашата екипа да испрати до јавноста и навивачите со првиот сезонски настап?

„Победата е важна во секое коло, не само во првото. Но сепак, премиерното коло си носи своја тежина и важност. За нас ќе биде од огромно значење да извојуваме победа, да испратиме порака до навивачите дека на секој натпревар ќе одиме на победа!“

Се вчитува...