Тодоровиќ за чудото Маџари: Кога веруваш се е можно…

Маџари ја живее својата бајка откако за нецели две години овој тим од вториот ранг на натпреварување, најпрвин влезе во елитното друштво, а потоа и имаше неверојатна деби-сезона во Супер-лигата, стигнувајќи до големото финале на плејофот.

Најзаслужен за овој историски успех на КК Маџари е Миодраг Тодоровиќ, младиот стратег кој веднаш остави свој печат на домашната кошаркарска сцена.

„Горд сум на сето она што го постигнавме, сметам дека е апсолутно заслужено со оглед на целиот труд што го вложивме во изминатиот период. Да се изоди ваков пат за така краток период не е нималку лесно, но енергијата што владее во клубот ги тера сите да одат само напред, да размислуваат со оптимизам за секој следен предизвик. Не беше лесно лани од Првата лига да влеземе во Супер-лигата, одговоривме на тој предизвик. Да бидам искрен, никој од нас не помислуваше на финале на почетокот од оваа сезона, прва цел ни влезе да влеземе во најдобрите шест тима, а откако тоа се случи веќе почнавме да гледаме напред. Секогаш треба да се верува во победа, а токму ваквата наша психологија и верба во тимот, во единството што владее, го донесе Маџари онаму каде што е во моментов – во големото финале“, истакнува Toдоровиќ.

Почетокот на сезоната беше исклучително тежок, поради пеколниот распоред и гостувањата со МЗТ, Куманово и Пелистер и домашниот меч со ТФТ. Маџари тргна со 0-4, а потоа следеше триумф над Тиквеш, со поени во последната секунда по перкфетно изведен аут и егзекуција на Хот.

„Не можев да поверувам кога го видов распоредот, но мислам дека токму тие први четири средби ни покажаа дека имаме квалитет и дека можеме да се носиме со секого. Имавме четири порази, но на трите натпревари стигнувавме до двоцифрено водство што не успеавме да го задржиме. Разочарувањето по секој меч беше големо, но и станувавме свесни за сопствената сила кога играме онака како што знаеме. Потоа работевме на детали, на отстранување на грешките и влеговме во позитивна серија, сето тоа не донесе онаму каде што сме сега. Секако, оној победнички кош на Хот со Тиквеш тргна огромен товар од нас, притисокот се намали, а со тоа се крена и квалитетот на играта. По тој меч, се беше некако полесно, да излеземе на терен и да играме онака како што сакаме“, вели тренерот на Маџари.

Пред плејофот Маџари не знаеше за победа во трите меѓусебни дуели со ТФТ, но полуфиналето донесе сосема поинаква слика, најпрвин голема победа по продолжение во „Градски парк“, а потоа и оној историски триумф во Маџари, извојуван без помошта на најдобриот кошаркар на екипата, Џевон Грин.

„Таа тешка повреда беше шок за сите нас, искрено ми е жал за Џевон, кој сега ќе мора да отсуствува подолг период од терените. Тој беше наш лидер и помогна да стигнеме онаму каде што сме сега. Од друга страна, фактот дека победивме ривал како ТФТ во меч во кој 35 минути бевме без нашиот најдобар играч… тоа кажува многу работи за нас како екипа и за карактерот што го поседуваме. Борбата за секоја топка, желбата да се израдуваат нашите навивачи во полна сала, сето тоа придонесе да имаме таков епилог. На крајот имавме и среќа, но сметам дека апсолутно ја заслуживме со сето она што го направивме и начинот на кој игравме од првото коло па се до крајот на ова полуфинале“, горд и младиот стручњак на клупата на Маџари.

Следен предизвик е големото финале со МЗТ Скопје, клубот од каде Тодоровиќ дојде во Маџари минувајќи неколку сезони како дел од стручниот штаб, во последните како асистент на својот следен ривал во финалето – Васко Атанасов.

„За МЗТ ме врзуваат само убави спомени, за сите освоени трофеи и пријателства што траат, како со членовите на стручниот штаб, така и со играчите што беа дел од тимот додека јас бев тренер и кои се уште се во МЗТ. Секако дека ги почитуваме, фаворитската улога им припаѓа на нив, но тоа во ниту еден случај не значи дека Маџари ќе се предаде без борба. Ќе играме онака како што знаеме најдобро,  беспоштедно, ќе оставиме срце на терен по 40 минути на секој натпревар. Горди сме на финалето, но и сакаме токму на овие натпревари да го потврдиме квалитетот што го поседуваме, да направиме нашите верни навивачи да се горди на нас и нашето залагање на секој меч. Ако МЗТ биде подобар, на крајот ќе честитаме спортски, но ќе сториме се за да покажеме дека Маџари апсолутно заслужено е во ова големо финале“, порачува за крај Миодраг Тодоровиќ.

Се вчитува...