Томи Стефановски прв пат како тренер на маратонот во Канада

Најуспешниот македонски пливач маратонец, Томи Стефановски, на годинашното издание на маратонот на езерото Сен Жан во Робервил, Канада, прв пат ќе учествува во улога на тренер. Стефановски на денешната втора трка на календарот во Гран-при серијата на ФИНА, како тренер ќе го придружува Александар Илиевски.

Легендарниот македонски маратонец во маратонската Гран-при серија на ФИНА настапуваше од 1997 до 2016 година и еден од членовите во „Куќата на славните“ во меѓународното маратонско пливање. Токму маратон на езерото Сен Жан беше една од неговите омилени трки,  два пати беше победник на овој маратон (2013, 2014), а во својот последен настап на езерото Сен Жан минатата година, Стефановски заврши на третото место и ја заокружи кариерата со шампионска титула во Гран-при серијата на ФИНА.

На годинашниот маратон во Канада (32 км.) кој стартува денеска во 14 часот, Томи Стефановски како тренер ќе се обиде со своето искуство да му помогне на Александар Илиевски да постигне висок пласман.

На Илиевски ова ќе му биде втор настап сезонава на трките од маратонската Гран-при серија на ФИНА. На првата трката во Санта Фе Коранада во Аргентина (57 км.), македонскиот маратонец заврши на деветото место.

На маратонот во Канада, Македонија ќе има двајца претставници, покрај Александар Иливски, во конкуренција за висок пласман е и Евгениј Поп Ацев.

По маратонот во Канада, следна трка во Гран-при серијата на ФИНА е Охридскиот пливачки маратон што ќе се одржи на 19 август.

Се вчитува...