Томовски: Нашите грешки не чинеа пораз во Унгарија, доколку ги сведеме на минимум може да се надеваме на победа

Вардар блесна на почетокот на сезоната и по три одиграни кола беше еден од тритте тима кој не знаеше за пораз во најсилното ракометно првенство. Но, како што од продолжија средбите, македонскиот претставник не успеа да ја задржи формата, напротив сега брои четири порази во низа.

Последниот од нив дојде од Сегед, унгарскиот претставник кој на домашен терен славеше со 34-31, а токму овој тим е следниот противник на двократниот шампион.

„Имавме шанса да се радуваме на победа и на гости. Сопствените грешки не чинеа пораз. Што се однесува до овој меч, не можеме да бидеме безгрешни, но ќе се обидеме да ги седиме нашите грешки на минимум. Последен натпревар годинава на домашен терен ни е овој меч и се надевам дека ќе стигнеме до победа“, изјави Мартин Томовски.

Македонскиот голман во редовите на „црвено-црните“ стигна ова лето од Лудвигсхафен по што продолжи со добрата форма, а во последното коло се најде и меѓу најдобрите пет одбрани.

„Добро се чувствувам во Вардар. Се трудам да го дадам најдоброто пред се за себе, но и за екипата. Едноставно сакам да победуваме и тоа ми дава голем мотив на секој меч“, додава голманот на Вардар.

Се вчитува...