Томовски не беше доволен да ги неутрализира грешките на соиграчите – Вардар поразен од Пик Сегед

Ракометниот шампион на Македонија Вардар го забележа и четвртиот пораз во низа во Лигата на шампионите, откако во седмото коло беше поразен на гостувањето кај Пик Сегед со 34-31. Одличниот Мартин Томовски на голот кој забележа 13 интервенции не беше доволен за да ги неутрализира грешките кои ги правеа неговите соиграчи во нападот.

Пик Сегед уште од почетокот почна одлично особено во фазата на напад и во првите десет минути од мечот успеваше да ја задржи предноста од три гола до која стигна многу брзо. Играта гол за гол продолжи и во следниот период, а одбраната на „црвено-црните“ беше најголемиот проблем во првите 15 минути во кои голманот Ристовски успеа да забележи само една одбрана.

Следуваше промашен пенал на Тимур Дибиров, по кој гостите реализираа преку Фримел и за првпат стигнаа до плус четири (11-7), по што мораше тајм-аут да побара стратегот на „вардарци“, Веселин Вујовиќ. Следеше нов пенал за Вардар кој овојпат Дибиров го реализираше и успеа да се запише како само четврти ракометар во елитата кој успеал да стигне до бројката од 1000 гола.

Пик Сегед повторно стигна до плус четири (13-9), но Вардар на „крилата“ на одличниот Томовски кој за кратко запиша три одбрани во 22. минута повторно дојде на минус два (13-11). Томовски запиша уште една одбрана, а со голот на Оливие Њокас, Вардар првпат по подолго време дојде на само минус еден (13-12), по што и тренерот на Пик Сегед, Пастор мораше да го побара својот прв тајм-аут.

Залудна беше паузата за Пастор, бидејќи „Томовски шоу“ продолжи во Сегедин, а со четвриот гол на Дибиров, Вардар израмниа на пет минути до крајот на првиот дел на 13-13. До крајот на првите 30 минути се играше гол за гол, а Бодо со вистинска бомба во последната секунда успеа на пауза да замине со позитива од плус два 17-15.

Вардар одлично го отвори вториот дел и со серија од 3-1 брзо стигна до израмнување 18-18. Следеа два брзи гола на домаќините за водство од 20-18. Томовски повторно беше одличен на голот, а неговите соиграчи повторно успеаја да стигнат до егал 20-20.

Домаќините повторно стигнаа до плус два (22-20), a во 50. минута ги имаа повторно највисоките плус четири 28-24, по што Веселин Вујовиќ мораше да побара нов тајм-аут. Томовски повторно беше маестрален на голот, па по паузата Вардар повторно стигна до минус два 28-26.

Избраниците на Веселин Вујовиќ повторно почнаа да грешат по што Пик Сегед на пет минути до крајот повторно стигна до плус четири 32-28, по што Црногорецот мораше да го побара и последниот тајм-аут. Повторно како пресликано. Вардар почна да игра подобро и со неверојатниот гол на Дибиров на три минути до крај стигна повторно на минус два 32-30. Следеш гол на Бенце Бахиди, па нова грешка на „црвено-црните“ и на крајот Сегед стигна до триумф од 34-31.

Мартин Томовски со 13 интервенции беше одличен на голот на Вардар, додека најпрецизен беше Тимур Дибиров со седум гола. Кај победникот Фримел заврши со девет погодоци.

 

Се вчитува...