ТОП 5 трансфери во ПМФЛ: Фелипе, Шишковски, Кировски….

Македонскиот фудбал денеска го очекува стартот на 28-то издание на Првата македонска фудбалска лига во независна Македонија. Се чини, како ретко кога во минатото, главно здодевен трансфер период без сериозно звучни поместувања и само неколку поединци за издвојување од летниот преоден рок.

Вардар, како што е познато, доби забрана за трансфери во два преодни рока, па потенцирајќи ги ТОП 5 трансферите пред стартот на новата сезона на површина се истакнува она што главно го пазареа повторно кандидатите за највисок пласман, Шкендија, Работнички и Академија Пандев.

1. ХУАН ФЕЛИПЕ (ШКЕНДИЈА)

– Бразилскиот интернационалец Хуан Фелипе, без сомнение, е најголемиот трансфер во македонскиот фудбал во овој преоден рок. Фелипе, кој до неодамна беше најголемиот миленик на вардаровите навивачи, се одлучи по крајот на сезоната да се пресели од Вардар во Шкендија, на тој начин дополнително зацврстувајќи ги амбициите на тетовци за одбрана на шампионската титула.

2. ДАМЈАН ШИШКОВСКИ (РАБОТНИЧКИ)

– Репрезентативниот голман повторно се враќа на домашната фудбалска сцена и повторно во својот Работнички. По две сезони минати во финските Лахти и РоПС, Шишковски ја засилува голманската позиција на „романтичарите“ кои во новата сезона предводени од новиот стратег Александар Влахо влегуваат повторно со амбиции за европски излез.

3. ХРИСТИЈАН КИРОВСКИ (СТРУГА ТЛ)

– Искусниот офанзивец Христијан Кировски треба да биде големо засилување за нападот на новиот прволигаш Струга Трим Лум заедно со Емран Рамадани кој пристигна меѓу стружани од редовите на Ренова. Кировски имаше квалитетна сезона во Македонија ЃП, но се одлучи да ја прифати понудата за трансфер во Струга ТЛ.

4. МАРИО МАСЛАЌ (АК. ПАНДЕВ)

– „Пандевци“, без сомнение, сериозно го зацврстија одбранбениот бедем со ангажманот на централниот дефанзивец Марио Маслаќ. Српскиот интернационалец имаше квалитетна сезона во дресот на Беласица, но по испаѓањето на струмичани се одлучи да замине од клубот а сепак да остане во Струмица.

5. ДЕЈАН БЛАЖЕВСКИ (МАКЕДОНИЈА ЃП)

– По разделбата со Работнички, Дејан Блажевски се сели во редовите на Македонија ЃП. Се очекува да донесе искуство во нападот на „лавовите“ за кои во новата сезона повторно ќе биде желба за место некаде на средината од првенствената табела.

Се вчитува...